Здраво Здраво linux.net.mk, Ќе го пишував ова до луѓето од Слободен Софтвер Македонија, но се чини дека таму нема некоја активност. Одамна нема нова вест на нивната интернет страница, но и без тоа: еден мој пријател им пишал електронска пошта пред некое време и сеуште не добил одговор. linux.net.mk изгледа пожив, па затоа и одлучив ова да го пратам до Вас. Одвреме навреме ја читам www.bagra.org, и така дознав за слободниот софтвер. Јас не сум многу по компјутерите, ги користам за пошта, куцање и по некоја игрица, но ете, идејата за слободен софтвер ме заинтересира. Веќе од поодамна користам Mozilla, а пред некоја недела одлучив да инсталирам и OpenOffice.org - значи сепак не сум некој преголем лаик. За слободниот софтвер дознав минатата есен. Тогаш ми се чини, покрај на Интернет и по весниците имаше доста написи за слободниот софтвер во Македонија, особено за договорот кој нашата Влада го потпиша со Мајкрософт, но оттогаш ништо. Се замре. Сега го пишувам ова, пред се за да Ве прашам што се случува (претпоставувам дека знаете нешто повеќе?), и да споделам некои мои идеи со Вас. Од она што успеав да го најдам, две организации се занимаваат со free/open source софтвер во Македонија: Вие и Слободен Софтвер Македонија. Тоа значи дека имаме и вкупно 2 интернет страници. Искрено не бев изненаден кога барав слични работи во поранешните ЈУ-републики. Таму имаат многу повеќе, но реков не сум изненаден, тие Републики се пред Македонија во многу работи, па зошто не и во слободниот софтвер? Сепак преведувањето на Mozilla и OpenOffice.org не е за потценување. Напротив, секоја чест за нив, тоа е одлична работа. Овие работи ја ставаат нашата мала земја на светската карта. Браво! Но доста со пофалбите, кажете: што се случува сега на полето на слободниот софтвер во Македонија? Како што реков, компјутерите не ми се некој примарен интерес. Затоа навистина ме радува тоа што идејата за слободниот софтвер може да се применува во многу други некомпјутерски активности. Кога кон ова ќе се додате и претежно младата популација која е вклучена во овие активности, неизбежно се добива силно оружје. Така, што и да правите, мислам дека можете многу лесно во некомпјутерските активности да вклучите други млади луѓе или организации. (Немојте одма мене да ме поканите. Можеби заради ова целото мое излагање личи на демагогија, но навистина сум презафатен.) Поголем дел од работите кои јас ги работам се водени од ентузијазам. Претпоставувам тоа ни е заедничко. Добрите вести се што во Македонија, или барем во Скопје, има полно други такви луѓе. Се чини дека сте доволно добро организирани за да бидете некаков центар на разни случувања водени од духот на слободниот софтвер. И токму тоа е мојата препорака до Вас. Нема да речам дека на градов му недостасува нешто вакво, но уште едно нема да му смета. Од друга страна претпоставувам дека сите луѓе не се стрпливи како мене. Човек треба прилично да прочита за да се запознае со идеите за слободниот софтвер. Треба вашиот глас да се чуе и низ кратки реченици. Треба да ги заинтересирате оние кои немаат време за читање. Не знам дали сите од Вас кои работите во linux.net.mk се компјутерџии. Ако сте, тогаш Ви фали некое искуство. Пробајте да стапите во контакт со оние луѓе кои прават фанзини, организираат трибини, пишуваат, музицираат и сл. Сигурен сум дека од вакво вмрежување може да произлезе само нешто корисно, (а можеби и ќе се сретнеме во нешто заедничко). Верувам дека слободниот софтвер (и идеите кои тој ги носи) прво и припаѓаат на заедницата, на луѓето, а дури потоа на фирмите и владите. Колку што гледам Вие сте заедницата. Станете посилни, тоа е најдобриот совет што некој може да Ви го даде. Мојата искрена поддршка, и продолжете понатаму со добрата работа. Поздрав, Жарко