[Ossm-members] Re: Logical Volume Manager (prevod?)

Игор Поповски igormk at freemail.org.mk
Thu Oct 7 15:39:46 UTC 2004


Georgi Stanojevski напиша:

> Одлично објаснување! Ама како да знам(без да завршам литетаратура или
> слично) што да третирам како неологизам што како ново сопствено име на
> технологија? Партиција мене ми звучи исто како што е флеш или јава, пошто 
> еднозначно кажува за што станува збор и плус звучи природно.

Дури и да имаше завршено некој таков факултет, не верувам дека ќе знаеше
сè да преведеш правилно. Никој не може сè да знае напамет. Но затоа тука
се _неопходните_ алатки при ваков вид на операција: речниците! Многумина
мислат дека е доволно еден Мортон-Бенсон англиско-српскохрватски и
српскохрватско-англиски речник и готово. Јас сметам дека за оваа задача
на преведување _неопходно_ е да се имаат:

1. Македонско-англиски и англиско-македонски речник,
2. Гореспомнатите Мортон-Бенсон речници, поради недоволен фонд
    на зборови во речниците од став 1.,
3. Англиски речник на синоними од понов датум (последниве 4-5 години
    максимум) како Вебстер, Оксфорд или Кембриџ,
4. Правописен речник на македонскиот литературен јазик
    од Кирил Конески од 1999 година
5. Лексикон на странски зборови и изрази

Особено битен е речникот од став 4. За откривање на неологизмите од
англискиот јазик се користи речникот од став 3.

Веројатно најнеопходен би бил и македонски речник на синоними, но таков
сè уште немаме во државава. Во подготовка е и дури мислам дека еден том
е излезен, но има 3 тома (или повеќе, не сум сигурен) кои треба да се
појават до 2007 година. Сега за сега, само за зборови кои почнуваат од
„А“ до „Н“ :).

Постои и еден „Речник на македонскиот јазик“ од Блаже Конески од 1966 во
три тома, кој е најблиску до речникот на синоними, со превод и
објаснување на српскохрватски наместо синоним на македонски, но истиот е
многу стар и веројатно тешко ќе го најдете, затоа и не е ставен во
ставките од 1 до 5.

> Еве исто и рутер сега ми текнува или од постари зборови бормашина,

„Рутер“ = насочувач или насочник, треба да се консултира стручно лице
           дали едното или другото,

„Бормашина“ = дупчалка*

*
овој збор е од фамилијата германски технички изрази одомаќинети на
Балканот, како и „шрафцигер“, „шраф“, „шми-шајбна“, „абрихтер“,
„дребонг“, „хилта“ и едно чудо други изрази од столарскиот, ѕидарскиот,
машино-браварскиот, електричарскиот и другите сродни занаети. Чудно, но
вистинито: речиси за сите има соодветен македонски, литературен збор, но
ретко кој го користи и ден денес. Јас си имам и анологија поставено -
веројатно се работи за многу сличен случај со овој превод на
информатички термини денес; во екот на индустриската револуција кај нас
(на Балканот), новите донесени машини (претопоставувам во најголем дел
од Австрија и Германија :)) работниците си ги завикале според
оригиналните, германски имиња; дали според името на германски или според
името на фирмата која ги произвела. Називите им останале до денес. Дали
ова значи дека по информатичката револуција денес, во наследство ќе ни
останат едно чудо вакви изрази (како „фајл“, „хард-диск“, „партиција“)
кои кај народот ќе ги преживеат и наредните 100 години и повеќе?

> Ај да видиме, не памтам што се случува со овие а само кирилизација не ми
> звучи природно:
> hostname - домаќин?
> gateway - премин?

Да, да. Домаќин, премин.

> За жал со преводот на WinXP целата дискусија ќе падне во вода и сите 
> термини што тие ги превеле(или само кирилизирале) ќе си станат стандардни 
> македонски компјутерски зборови. 

За жал во право си. А жално е што самите сме криви за ова. И уште
пожално е што кога конечно ќе се појави тој „превод“, власта ќе се
изнафали, опозицијата ќе критикува, но не за преводот туку за
потрошените пари или нешто сосема трето, а осврт кон тоа колку е лош
преводот ќе видиме евентуално во некоја колумна во дневните весници која
и така никој нема да ја прочита. Да, најжално е што сите ќе бидат
задоволни!!!

> п.с. Зашто твојот клиент за пошта нонстоп става дополнителни Re: Re: Re....?

Не го препознава „Re:“ затоа што не е на почеток (пред него има
[Ossm-members]). Ќе внимавам од сега, ќе го поправам рачно. Се извинувам.








More information about the Ossm-members mailing list