[Ossm-members] дискусија за јазикот на филолошки

Новица Наков novica at bagra.org
Fri Apr 18 16:30:05 UTC 2008


подолу е записникот од споменатата дискусија. од мене побараа дополнувања и 
идеи доколку има. јас барам од овде доколку некој од видните локализатори има 
што да каже.

-->

ЗАПИСНИК СО ЗАКЛУЧОЦИ ЗА ОДРЖАНА РАСПРАВА 

ЈАВНА РАСПРАВА: МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ИНФОРМАТИЧКАТА КОМУНИКАЦИЈА 
 

      На ден 14.04.2008 год. со полеток во 11:00 ч. во Салата за седници на 
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се одржа јавна расправа на тема 
„Македонскиот јазик и информатичката комуникација. Расправата е една од 
активностите што се одржува во рамките на манифестацијата „2008 - Година на 
македонскиот јазик“ под покровителство на Претседатлот на владата на Р. 
Македонија, г, Никола Груевски, а беше организирана во соработка со 
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Програмско-организацискиот одбор на 
манифестацијата.

      Расправата ја отвори координаторот на расправата, проф. д-р Катерина 
Велјановска од Катедрата за македонски јазик, а поздравно обраќање имаше 
проф. д-р Максим Каранфилски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

      Потоа следеа излагања на посредувачите на оваа трибина: проф. д-р Зозе 
Мургоски, Мила Шопова и Николче Мицкоски. Зозе Мургоски во своето излагање се 
задржа на различните јазични нивоа на кои треба да им се посвети внимание при 
локализирањето на софтвери. Тој наведе и лични примери за проблеми со кои тој 
и неговата екипа се судриле при локализирањето, поточно преведувањето на 
производот на Мајкрософт, Виндоус виста. Мила Шопова се осврна на три чекори 
за унапредување на статусот на македонскиот јазик во доменот на 
информатичката комуникација: непречена и исправна примена на македонското 
крилиско писмо и ортографски правила; зголемен број на македонски јазични 
средини во информатичката комуникација преку јазично одмаќинување, т.н. 
локализирање на софтвер; и користење нови форми за проучување на македонскиот 
јазик (електронски корпуси) и  промовирање преку апликации за масовна 
комуникација како тродимензионалниот свет на Секнд лајф. Николче Мицкоски 
подетално ги опфати проблемите со предавањето на македонското кирлиско писмо 
во информатичката комуникација со осврнување на отсуството на претставени 
знаци во системските фонтови и фонтовите општо, за дел од графемите во 
македонското писмо.

      По излагањата на посредувачите следеше двочасовна расправа во која 
учество зедоа воспитувачи, вработени во Инситутот за македонски јазик „Крсте 
Мисирков“, професори од областа на комуникациската технологија, претставници 
од засегнатите владини сектори, претставници на невладиниот сектор чии 
активности се насочени кон информатичко описменување и промовирање на 
користењето слободен софтвер и претставник на Програмско-организацискиот 
одбор на манифестацијата. Весна Пецева, воспитувачка, посочи на полезноста на 
едукативен софтвер за деца на македонски јазик за развивање и на компјутерска 
и на јазична писменост во раната возраст. Симона Груевска од Инситутот за 
македонски јазик напомена дека отсуствува координираност во делувањето во 
оваа област. Д-р Александар Петровски ги запозна присутните со компјутерски 
јазични ресурси за македонскиот јазик и проблемите што се јавиле при нивното 
развивање. Филип Стојановски од Метаморфозис ја потврди потребата од слободно 
достапен софтвер на македонски јазик, воден од економската состојба на 
македонските граѓаните и резултатите од истражување според кое околу 75% од 
македонското население не го зборува англискиот јазик (јазик на којшто се 
достапни најголемиот дел од софтверските содржнини). Новица Наков од Слободен 
софтвер Македонија се надоврза на Филип Стојановски и воден од премисата 
„науката е за јавноста“, се заложи за полезноста проектите што се работат во 
рамки на образовните институциите, пред сè тие во насока на расправата за 
одомаќинување на софтвер, да ù бидат достапни на јавноста. Така, 
одомаќинувањето на слободниот софтвер би се движело по усогласена 
терминолошка и методолошка рамка. Додаде и дека токму слободниот софтвер дава 
и можност да се реши проблемот со дел од знаците во македонскто кирлиско 
писмо. Лидија Тантуровска од Инстиутот за македонски јазик ја потврди 
потребата за координираност во пристапот кон оваа проблематика и потребата за 
реализација на активности финансиски поддржани преку различни проекти. Проф. 
д-р Вено Пачовски од Градежниот факултет во Скопје презентираше систем модел 
за дигитализација на македонскиот јазик и посочи дека присуството на 
македонскиот јазик на интернет е уште еден сегмент на неговата целосна 
легитимизација. Истовремено предупреди и за опасноста од пренагласено 
преведување кога станува збро за одомаќинување на софтвер. Димитар Буковалов 
од Министерството за транспорт и врски посведочи какви сè проблеми може да се 
јават во работењето на админситрација и процесот на усогласување на 
македонската законска рамка токму заради проблемите со преводи што се должат 
на отсуство на општоприфатена терминологија во информатичката комуникација и 
комуникациите воопшто. Тој посочи и на можности за проекти со кои би се 
задоволила гореспоменатата потреба за финанскиска помош и на неговата 
поддршка во процесот на пријавување. Димитар Поповски пред крајот на 
расправата нагласи дека во Македонија не се работи ажурно, не се држи чекор 
со светските образовни центри и дека на Универзитетот во Грац, Австрија 
странски истражувачи веќе работат на електронски јазичен корпус за 
македонскиот јазик. На крајот, д-р Илија Велев, државен програмски 
координатор на манифестацијата изрази подготвеност да се заложи за 
остварување на заклучоците и можни предлог-активности што би никнале по 
одржаната расправа.

      Имајќи го предвид изнесеното во текот на расправата, може да се изведат 
следните заклучоци:

    * треба да се овозможи и изнајде начин непречено да се употребува 
македонското кирилско писмо; тоа подразбира дополнување на системските 
фонтови со графеми од македонското кирилско писмо што не се застапени во 
информатичката комуникација;
    * поголемо внимание треба да се посвети и на севкупниот процес на јазично 
одомаќинување на софтвер како во насоки на заложби за промовирање на идејата 
за таа постапка, така и во запознавање со важноста за унифромирање на 
постапката, од метод на преведување до задолжителна лектура;
    * поголемо внимание треба да се посвети на јазично одомаќинување на 
слободниот софтвер во Македонија, оттука и да се поддржат организациите што 
се активни во таа сфера, преку воспоставување различни видови соработка меѓу 
нив и образовните и истражувачки институции што имаат капацитет на различни 
начини да помогнат во процесот на одомаќинување (од областа на јазикот и 
технологиите);
    * да се изработи поимник на инфроматичко-комуникациска терминологија
    * формирањето на електронски јазичен корпус треба да биде приоритетна 
активност;
    * треба да се искористат сите можности што постојат за финансиска помош и 
од домашни и од странски фондови, а за реализација на предлог-проекти што би 
произлегле од заклучоците .

 

Присутните отворено ја искажаа својата волност да придонсат за унапредување на 
состојбата со македонскиот јазик и информатичката комуникација со конретни 
предлози што ќе призлезат од расправата.


-- 
Новица

http://wiki.lugola.net/Вечна_TO-DO_листа
http://wiki.lugola.net/Бонтон_за_ossm-members
http://wiki.lugola.net/Важни_настани_за_слободниот_софтвер_во_Република_Македонија
Важно: http://bugs.softver.org.mk/index.php?tasks=all&project=7 !



More information about the Ossm-members mailing list